Политика за приватност
Последно ажурирање: 15 јули 2026 година
Оваа Политика за приватност објаснува кои лични податоци се собираат и обработуваат преку интернет-платформата vesnici.mk (во натамошниот текст: „платформата“), за кои цели, врз кој правен основ и кои права ви припаѓаат како субјект на личните податоци. Политиката е изготвена согласно Законот за заштита на личните податоци („Службен весник на Република Северна Македонија“ бр. 42/20, со подоцнежните измени и дополнувања).
1. Контролор на личните податоци
Контролор на личните податоци обработувани преку платформата е Националната и универзитетска библиотека „Св. Климент Охридски“ – Скопје (во натамошниот текст: „Библиотеката“), со седиште на Бул. „Гоце Делчев“ бр. 6, пошт. фах 566, Скопје. За прашања поврзани со заштитата на личните податоци може да се обратите на: vesnici@nubsk.edu.mk.
2. Кои лични податоци ги обработуваме
2.1. Податоци што ги давате при регистрација
При создавање кориснички профил се собираат: име и презиме, адреса на електронска пошта, број на членска карта издадена од Библиотеката и лозинка. Лозинката се чува исклучиво во криптографски заштитена (хеширана) форма и никој, вклучително и Библиотеката, нема увид во неа. Се евидентираат и датумот и времето на прифаќање на Изјавата за користење дигитални објекти.
2.2. Податоци од контакт-формуларот
Кога ќе нè контактирате преку формуларот на страницата „Контакт“, се обработуваат: име, адреса на електронска пошта и содржината на пораката. Заради заштита од злоупотреба (спам), привремено се евидентира и IP-адресата од која е испратена пораката.
2.3. Податоци што настануваат при користење на платформата
- евиденција за неодамна прегледаните изданија (кое издание и кога сте го отвориле), која служи исклучиво за приказ на прегледот „Неодамна Прегледани“ на вашиот кориснички профил; овие записи автоматски се бришат по 90 дена;
- стандардни серверски записи (IP-адреса, вид и верзија на прелистувач, време на пристап), кои служат исклучиво за безбедност, откривање злоупотреби и техничко одржување.
3. Цели и правен основ на обработката
- создавање и одржување кориснички профил и овозможување пристап до дигитализираните изданија — извршување на договорен однос, односно давање на бараната услуга;
- проверка на членството во Библиотеката при одобрување на профилот — легитимен интерес на Библиотеката и Правилникот за членување и користење услуги;
- одговарање на пораки испратени преку контакт-формуларот — легитимен интерес;
- безбедност на платформата, спречување злоупотреби и ограничување на обидите за неовластена најава — легитимен интерес;
- исполнување на законски обврски на Библиотеката.
Платформата не врши автоматизирано поединечно одлучување ниту профилирање.
4. Колачиња
Платформата користи исклучиво технички неопходни колачиња: колачиња за сесија на најавените корисници и колаче за запомнување на избраниот јазик. Не се користат аналитички, маркетиншки ниту колачиња на трети страни. Бидејќи се работи само за неопходни колачиња, за нив не се бара посебна согласност.
5. Кому му ги откриваме податоците
- Податоците се чуваат на сервер лоциран во Република Северна Македонија и не се пренесуваат во трети земји.
- За испраќање системски пораки (потврда на регистрација, одобрување на профил, обновување лозинка) се користи услуга за електронска пошта, при што се обработува само вашата адреса на е-пошта.
- На страницата „Контакт“ е вградена мапа од OpenStreetMap; при нејзиното вчитување вашата IP-адреса се пренесува до серверите на OpenStreetMap Foundation. Мапата не поставува колачиња.
- Доколку во иднина биде овозможено онлајн плаќање, податоците од платежните картички ќе ги обработува исклучиво овластена банка, односно платежен процесор; платформата нема пристап до нив.
- Податоците може да бидат откриени на надлежни државни органи само кога тоа го налага закон.
Личните податоци во ниту еден случај не се продаваат ниту се отстапуваат за маркетиншки цели.
6. Рокови на чување
- податоците од корисничкиот профил — додека постои профилот; по негово укинување се бришат или неповратно се анонимизираат;
- евиденцијата за прифатената Изјава за користење дигитални објекти — додека постои профилот, а по потреба и подолго, како доказ за преземените обврски;
- евиденцијата за неодамна прегледаните изданија — 90 дена од пристапот, по што автоматски се брише;
- пораките од контакт-формуларот — најдолго 12 месеци од приемот;
- серверските и безбедносните записи — најдолго 12 месеци.
7. Безбедност на податоците
Пристапот до платформата е шифриран (HTTPS). Лозинките се чуваат исклучиво во хеширана форма. Применети се технички и организациски мерки за заштита од неовластен пристап, вклучително ограничен административен пристап, системи за спречување упади и редовни резервни копии.
8. Вашите права
Согласно Законот за заштита на личните податоци, имате право на: пристап до вашите лични податоци, исправка на неточни податоци, бришење, ограничување на обработката, преносливост на податоците, како и право на приговор против обработката. Барањата може да ги упатите на vesnici@nubsk.edu.mk; ќе одговориме без непотребно одложување, а најдоцна во рок од еден месец од приемот на барањето.
Доколку сметате дека обработката на вашите лични податоци не е во согласност со закон, имате право да поднесете барање за утврдување прекршување на прописите до Агенцијата за заштита на личните податоци (azlp.mk).
9. Измени на Политиката
Библиотеката може да ја измени оваа Политика. Важечката верзија е секогаш објавена на оваа страница, со назначен датум на последното ажурирање. За суштински измени регистрираните корисници ќе бидат соодветно известени.
10. Контакт
Национална и универзитетска библиотека „Св. Климент Охридски“ – Скопје
Бул. „Гоце Делчев“ бр. 6, пошт. фах 566, Скопје
Е-пошта: vesnici@nubsk.edu.mk