За нас

Vesnici.mk е специјализирана дигитална платформа посветена на презентација на ретки весници и списанија. Таа овозможува структуриран пристап до македонското културно наследство со цел да ја поддржи научноистражувачката работа и да ја направи поедноставна и подостапна употребата на изворните материјали.

Културното наследство не треба да остане затворено во архивите, тоа треба да биде отворено и достапно. Оваа платформа ја воспоставува врската меѓу минатото и современиот читател со што се  овозможува историјата да продолжи да живее и во дигиталниот простор.

Непресушна ризница на знаење, повеќе од еден век

Секоја библиотека има свој почеток. Но ретко се случува една библиотека да има историја што толку јасно ја следи судбината на еден народ. Приказната за Националната библиотека на Македонија е почната уште пред повеќе од еден век, заедно со идејата дека знаењето мора да има свој дом.

Почетоци (1920–1941)

На 2 февруари 1920 година, со Уредба потпишана од кралот Петар I на Кралството Југославија, е основан Филозофскиот факултет во Скопје. Како негов нераскинлив дел, веднаш се формира и библиотеката при самиот факултет. Таа не била замислена како обична збирка книги, туку како централна факултетска библиотека што ќе ги опслужува сите семинари и институти, со визија со текот на времето секој од нив да развие и сопствена, библиотека.

За отворањето на факултетот и библиотеката, како најсоодветен простор бил искористен еден кат од големата зграда на тогашната Учителска школа, позната под името Идадија. Токму таму започнала да се гради основата на она што денес го препознаваме како Национална библиотека.

Со самото основање на библиотеката било назначено и посебно лице за библиотекар, иако за неговиот идентитет денес, за жал, не постојат зачувани податоци.

На 7 јули 1921 година, со одлука на Министерството за просвета, Филозофскиот факултет заедно со библиотеката добива нов дом – зградата на Кејот 13 Октомври (денешен Кеј Димитар Влахов). Во оваа зграда библиотеката ќе остане сè до разорниот земјотрес во 1963 година.

Во рамките на библиотеката функционирала и читалница, отворена во текот на целиот ден. Во есента 1921 година, таа била отворена и за јавноста, со што, покрај студентите, и граѓаните добиле пристап до книгата. На тој начин, Скопје ја добива својата прва Централна јавна библиотека.

Со развојот на семинарските библиотеки, на чело на Централната библиотека застанува Управник на библиотеката, а библиотеката продолжува да функционира во оваа форма сè до 1941 година.

Војната и Народната библиотека (1941–1944)

Таа година донесува тежок пресврт. Скопје паѓа под власт на Царството Бугарија. На 14 август 1941 година, тогашниот министер за народна просвета Б. Филов донесува Заповед со број 2234, со која од библиотеката на Филозофскиот факултет, библиотеката на Скопското научно друштво (основана 1921 година) и тогашната Градска библиотека – основана во 1934 година – се формира Народна библиотека во градот Скопје.

Со оваа заповед престануваат да постојат Градската библиотека, сместена во училиштето „Гоце Делчев“, и библиотеката на Скопското научно друштво, а факултетската централна библиотека прераснува во Народна библиотека.

Според Заповедта, Народната библиотека била управувана од директор, а одделите од библиотекари.

За прв директор веднаш бил именуван проф. д-р Георги Шоптрајанов.

Следува тежок период. Истата година е укинат Филозофскиот факултет, а целата зграда е ставена на располагање на Народната библиотека.

Слобода и раѓањето на „Нова Македонија“ (1944)

Со ослободувањето на Македонија во 1944 година, со Одлука на АСНОМ од 23 ноември, Георги Шоптрајанов е потврден за директор на Народната библиотека и започнува нова ера во нејзиниот развој. За личноста на Шоптрајанов која овоплотува три елементи: чесност, безрезервна предаденост кон народот и неуморниот труд за заштитата на фондот.

Во тие пресудни денови, од печатницата на библиотеката била „позајмена“ печатарската машина и однесена во Горно Врановци. Токму на таа машина, на 29 октомври 1944 година, бил отпечатен првиот број на дневниот весник „Нова Македонија“.

Така, библиотеката станува тивок, но клучен сведок на раѓањето на македонскиот печатен збор.

Земјотресот и новата зграда (1963–1972)

Развојот на библиотеката уште во 1961 година ја наметнува потребата од нова, наменска зграда. Веќе во 1962 бил распишан меѓународен конкурс за идејно решение за наменска зграда и истата година во просториите на Народната библиотека била одржана изложба на 62 предлог проекта. Но до нејзината реализација ќе поминат тешки години.

Во 1963 година разорниот земјотрес ја уништува зградата на библиотеката и значителен дел од нејзиниот фонд.

По неколку спроведени конкурси, на 18 септември 1967 година започнува изградбата на новата, наменска зграда на Народната библиотека во Скопје.

Таа официјално е пуштена во употреба во 1972 година и претставува втора наменска библиотечна зграда во Федеративна Југославија (првата е на Националната библиотека на Словенија изградена меѓу 1936 и 1941 година) – дело на маестралниот архитект Петар Муличковски.

Универзитетска библиотека и проширување (1959–2009)

Во 1959/1960 година, Народната библиотека добива уште една значајна улога и обврска – станува и Универзитетска библиотека на Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“.

Во 2007 година е констатирана потребата од дополнителен складишен простор, како и од современа зграда за дигитализација и заштита на специјалните колекции. За таа цел, на 12 април во 2008 година е започната со изградба доградбата, односно новата зграда на Библиотеката. Свечено отворена и пуштена во употреба на 24 мај 2009 година, и истата заедно со постојниот објект денес опфаќа вкупно 13.000 квадратни метри.

Ова не е само историски преглед на една институција, туку вистинска приказна за луѓето што верувале во книгата тогаш кога тоа не било лесно, ниту безбедно; за оние што донирале, чувале, печателе и спасувале, знаејќи дека без пишаниот збор нема иднина.

За библиотекари, професори, конзерватори, служители, добротвори и визионери кои не граделе само институција, туку паметење.

И конечно, ова е приказна за домот што не е само од камен и бетон, туку е дом на знаењето, јазикот, истрајноста и пожртвуваноста. Дом што стои отворен и сега, како што стоел отворен и пред стотина години, подготвен да го прими секој што верува дека овде се чува, заштитена, пишаната културна меморија на овој народ.