Библиографии

Библиографскиот центар во НУ НУБ „Св. Климент Охридски“ – Скопје со својата
дејност претставува ризница на информации за целокупната издавачка продукција
во државата потенцирајќи го националниот белег на оваа институција преку
издавање на македонската национална библиографија. Македонската библиографија
(МБ) се изготвува врз територијален принцип од издадени публикации на
територијата на нашата држава, без оглед на јазикот и писмото на кои се
публикувани, а доставени како македонски задолжителен примерок во НУ НУБ „Св.
Климент Охридски“ – Скопје, според Законот за издавачка дејност.
Првата нациoнална македонска библиографија под наслов „Македонска
библиографија од ослободувањето до крајот на 1949 година“, издадена е во 1951
година.
Денес Македонската библиографија излегува во три серии:
1. серија Монографски публикации,
2. серија Статии и прилози и
3. серија Сериски публикации.